7. ЦЕЛИНА: Работни односи во земјоделството
Секторот за земјоделство вработува околу 10 милиони работници во ЕУ и сочинува околу 1,4 отсто од БОП (2022). Неговата релативна величина во БОП и во вкупната вработеност, како и структурата на секторот и неговите главни производи, варираат помеѓу државите членки, но стратешки е важен за сите земји.
Во поглед на работењето и условите за работа, земјоделството е многу разнолик сектор и вклучува семејни домаќинства и многу мали компании, како и големи национални и мултинационални компании.
Во повеќето земји постои силна доминација на малите, семејни фарми, кои ги вработуваат само членовите на семејството или дополнително само мал број на сезонски работници. Според Еуростат, 2016. година, девет од десет земјоделски работници во ЕУ биле или се сопственици на фармите или членови на нивното семејство.
Меѓутоа, во сите земји постојат и големи земјоделски компании. Правната рамка за учество на работниците во повеќето земји се однесува само на големи компании, кои што обично чинат само малцинство од вкупно вработените во земјоделството.
Работните односи во земјоделството ги карактеризира висок удел на несигурни, дури и нелегални услови за работа, посебно за сезонските работници и работници мигранти кои што имаат значителен удел во нивното вработување.
Условите за работа многу се разновидни, но работата често бара физички напор и под влијание е на временски услови, сезонски услови и степен на механизација.
Земјоделството забележува повеќе несреќи и заболувања на работното место отколку повеќето други сектори, а причините за тоа се, помеѓу останатото, интензивен физички напор, употреба на машини и хемикалии и изложеност на природни елементи.
Во повеќето земји во секторот постојат синдикати и здруженија на работодавачи и тие се клучни заинтересирани страни во учеството на работниците. Постојат и разни други организации, како што се комори, здруженија и задруги, кои ги застапуваат интересите на земјоделските произведувачи. Поради сртуктурата на секторот и условите за вработување, земјоделството има ниска стапка на синдикализација во споредба со индустрискиот и услужниот сектор.